Култ кон личноста на духовникот

– Што ќе кажете за оние црковни општини во кои се создава култ кон личноста на свештеникот, кога секој негов збор, не само по прашањата од духовниот живот, туку и по политички и други прашања се прифаќаат како израз на Божјата волја?

– Култот кон личноста е една од најштетните појави, не само во црковниот живот, туку општо во целиот живот, вклучувајќи го и политичкиот. Во областа на политичкиот живот, култот кон личност си наоѓа свое место во диктатурата и во тоа, кога некој, оставајќи им впечаток на луѓето околу него, добива власт на којашто тој нема никакво право според неговиот внатрешен состав, односно според зрелоста, мудроста и по знаењата. Култот кон личноста треба по секоја цена да се искоренува. И прв, кој треба да го стори ова е токму оној човек, кој станал жртва на тој култ, односно оној свештеник или мирјанин, кој е опкружуван со излишно и недозволено почитување.

Поради тоа свештеникот (се разбира, во прв ред ќе зборувам за свештениците) постојано треба да води грижа за себе и да си напоменува дека тој е ништо, доколку со него не раководи благодатта Божја, и дека Божјата благодат му се дава не како постојан дар, туку според мерката на неговото смирување пред Бога, одрекување од себе и предавање на својот живот за другите, за служење. Се сеќавам, отец Софрониј еднаш ми рече, дека Црквата е устроена буквално како пирамида, при што пирамидата стоејќи со врвот надолу, стои на самата острица на врвот. И колку човекот се приближува кон Бога, колку повеќе сака да им служи на другите, толку тој треба да се спушта пониско и пониско, подлабоко и подлабоко во таа пирамида, и на крајот на краиштата, врв на таа превртена пирамида е Самиот Христос, на Когошто сè почива, сета тежина на светот, сета тежина на човечката грешност, сè. Затоа, доколку сака свештеникот да се избави од култот кон личноста, тој најпрвин треба да си дојде на себе, да се вразуми, да сфати дека го почитуваат или поради она што му било дадено, или поради тоа што луѓето гледаат во него нешто, што можеби и го нема.

Од она што му било дадено, меѓу првите е неговата надворешност: таа игра голема улога. Првиот впечаток се остава преку надворешноста, и свештеникот (како и секој друг човек, но особено свештеникот) треба да се подзамисли за тоа, со својата надворешност, како што им се претставува на луѓето, да не биде соблазна, односно неговата надворешност да не биде воплотување на неговата суета, гордост, духовна неукост, природна глупост, на крајот на краиштата. Тоа е многу важно. Значи, најпрвин свештеникот треба да внимава на тоа, со својата надворешност да не ги зачудува луѓето околу него; да биде свој – да; но да биде претпазлив и да не се истакнува.

Второ: умствените квалитети. Умот може да се покаже со мудрост и со дерзост. Со мудрост може да се покажат сите знаења, коишто човекот ги собрал во краткиот или дотолку повеќе во долгиот живот, кога тоа им е потребно на другите. Но, како што рекол еден француски писател од 18 век, своето знаење и својата мудрост треба да ги чуваме, како што човек го чува часовникот во џеб; тој го вади само кога сака да дознае колку е часот, но не за да дознаат сите дека тој има часовник во џебот… Ова е многу важен момент: човек да не покажува никаква посебна ученост или мудрост, кога тие не му се потребни никому и кога се покажуваат само како демонстрирање на неговите сопствени – можеби непостоечки – квалитети и својства.

Потоа, човек може да се погордее со своето знаење, односно, со тоа образование, коешто му било дадено. И тогаш тој треба да запомни дека сето тоа знаење не му припаѓа нему, дека му било само подарок, подарок од Бога, исто како умот, со којшто тој успеал да ги прими сите тие знаења, и подарок од страна на Црквата, граѓанското општество, семејството, другарите, античката и современата литература итн.; сето тоа не му припаѓа нему. Доколку тој владее со такви карактеристики, односно со разум, образование и друго, тој треба да се научи да биде благодарен, но да не ги покажува.

Понатаму, тој треба да се пази од соблазната да се дотерува и да не го користи чинот за да стекне некаква почит и заземе некаква позиција во општеството: божем јас сум архимандрит, епископ, свештеник, ѓакон, или нешто друго. Тоа не значи ништо. Пред Бога, Кој ја гледа човечката душа, тие титули можат да бидат не само празен звук, туку и предмет за осуда, бидејќи ако човек оди ѕвонејќи пред себе со тие титули, тогаш Бог може да погледне и да рече: да, ти имаш титули, а достоинство никакво, ти не си подобен за тие титули, со кои се фалиш, и колку е поголема твојата титула, толку поголема ќе ти биде и осудата… Овие размисли се многу важни за свештеникот, како и за ѓаконот, и за секој човек, когошто го фалат за овие или оние карактеристики, кои му се од Бога дадени.

Сите ние не треба да го заборавиме она што е кажано на почетокот од Заповедите на блаженствата: Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небесно… Што значи тоа „бедни по дух“? Беден по дух е човекот, којшто длабоко сфаќа или барем малку, дека тој не поседува ништо, освен она што му го дал Бог, дека сè што може во него да биде добро е дар Божји, и дека да се фали со тоа, воопшто не му доликува.

Се сеќавам на една дваесетгодишна девојка со доста убава надворешност. Дојде кај мене, седна и со исплашен израз на лицето ми рече: „Јас не можам да се спасам, јас гинам од суета!“ – „А што правиш ти против суетата?“ – „Јас не знам што да правам, се борам со неа, но суетата победува“. – „А во што се состои твојата суета?“ – „Секој пат кога ќе се видам во огледало или во отсјајот на стаклото, си помислувам: колку сум убава!“ Јас се насмевнав и реков: „Па да знаеш, и вистина е!“ Таа со ужас ме погледна и извика: „Тогаш што треба да правам? Јас загинав!“ – „Не, ти не загина. Ти треба да научиш да ја преобразуваш суетата во благодарност. Ни јас ни ти уште не сме тргнале по патот на смирението, ние не знаеме што е тоа смирение, тоа е карактеристика на светиите. А благодарноста е карактеристика којашто секој од нас може да ја стекне во секој момент“. – „А како да го направам тоа?“ – праша таа. „Еве што да направиш: три пати на ден застанувај пред огледалото и разгледувај ги сите црти на твоето лице, коишто тебе ти се допаѓаат: чело, веѓи, очи, усни, нос, образи, општо, сето она што само ти можеш да го видиш во себе дека е убаво. И кога ќе завршиш, кажи: Господи, Ти благодарам што си ми го подарил сето тоа, бидејќи јас не го создадов сето ова во себе. И додади уште: И прости ми Господи, што на убавината која си ми ја дал, јас ì наметнувам таков одвратен израз, којшто сега го имам на лицето“. Мислам дека ова може да се примени и кај духовните карактеристики. „Бедни по дух“ се оние кои сфаќаат дека сè што имаат е од Бога, и наместо да се откажат од тоа, или да го негираат поради стекнување на лажно смирение, тие го примаат и кон Бога се обраќаат со благодарност за она што Он им го дал.

А понатаму? Понатаму тие можат да ги употребуваат тие дарови за полза на другите. Доколку имаат елоквентност, ум, образование, чувствителност, – може да се наведе бесконечен број карактеристики, кои му се потребни или корисни на духовникот, – тогаш нека благодарат! Да благодарат, и од благодарност ќе се смируваат, бидејќи човек сфаќа дека сè, за што Му благодари на Бога, не е негово, туку му е подарок од Бога. А штом е подарок, тогаш тој може да се радува за она што му е дадено, но никако да се фали со тоа. Прашањето за култот кон личноста на свештеникот почнува од него самиот. Тој е должен – секој од нас е должен – да се учи во текот на целиот живот, а не само во некој момент од животот, да Му благодари на Бога за она што му е дадено, и ништо да не си припишува на себе.

Во житието на свети Макариј Велики се раскажува како по неговата смрт, еден од учениците видел како неговата душа се вознесувала кон небото, и на патот кон небото демоните поставиле митарства и на секое митарство го испитувале за некој грев, и низ секое митарство поминувал чист. И кога Макариј дошол до самите порти на рајот, демоните решиле да го фатат на последното: тие заплескале и извикале: „Макариј, ти нè победи нас!“ – надевајќи се дека ќе го фатат во суета. И Макариј се вратил, им се заканил со прстот и рекол: „Уште не“ – и со тие зборови му било дозволено да влезе во рајот.

Јас мислам дека секој студент, секој мирјанин, секој свештеник и ѓакон треба да го учиме на тоа: дека сè што има, сето богатство му е дар од Бога; и кога го фалат луѓето, да не го прима тоа внатре, туку да ја преобраќа пофалбата, што ја добил, во благодарност кон Бога и во скрушеност на срцето, бидејќи, доколку човек навистина и до крајот би бил смирен и во Бога, тогаш не би го фалеле за ситници.

Се сеќавам на писмото на светителот Тихон Задонски до еден млад свештеник, кој му се жалел дека парохјаните го фалеле, колку и да им докажувал дека нивните пофалби не држат место, тие уште повеќе го фалеле, и тој не знаел што да прави. Тихон Задонски му одговорил: најпрво немој да им велиш на парохјаните дека не се во право и дека ти не си достоен за нивните пофалби, бидејќи тие на твоите нереални квалитети ќе им додадат и нереално смирение, а ти ислушај ги, и запамти какви квалитети тие гледаат во тебе, и труди се да ги стекнеш во себе, за да станеш таков, каков што тие те гледаат во најдобрата смисла на зборовите. Тука е потребно цело воспитување, и тоа треба да почне во семејството, во општеството, во Црквата, во богословијата, во академијата, во текот на целото време, за човек да не го загуби она што му е дадено, бидејќи тоа му припаѓа по природа или по дарот Божји. Тоа е многу важно. И ако човек научи да не се фали со себе, тогаш култот на личноста може да продолжи околу него, исто како што брановите удираат во карпата, но тој од тоа нема да изгние, нема да погине.

Освен тоа, тој треба да научи да ги предупредува луѓето дека тој не е сезнаен и дека тој има понекогаш мислење, понекогаш знаење, а понекогаш непросветленост или незнаење. По прашањата од духовниот живот има моменти кога свештеникот, по милоста Божја, по благодатта на свештенството со совршена јаснотија гледа што треба да му одговори на човекот на неговата потреба и прашање. Некогаш не може да го види тоа со таква јаснотија, но може да наведе пример од житијата на светиите или цитат од Евангелието; а понекогаш треба да е подготвен да каже: „Не знам!“ И луѓе, поголеми од нас, ја имале таа смелост. Се сеќавам на два случаја од житието на свети Амвросиј Оптински, кога кај него доаѓале луѓе со прашања, тој ги замолувал да останат во манастирот некое време, додека да се помоли и да побара одговор од Бога. И во двата случаја луѓето по два–три дена доаѓале и му велеле: „Баќушка, треба да си одиме дома, а ти не ни даваш никаков одговор на нашите прашања…“ И двапати Амвросиј им одговарал: „Еве веќе неколку денови ја прашувам Мајката Божја, каков одговор да ви дадам, а Таа молчи. Како можам јас да ви одговорам?“ И тоа е од областа на духовниот живот и од страна на вистински свет старец.

А доколку не станува збор за духовниот живот, туку за политички и општествени прашања, тогаш свештеникот треба да каже: јас не сум поставен да ве поучувам за политички проблеми или во областа на световниот живот; јас сум поставен да ви го проповедам Евангелието… Се разбира, доколку тој има сопствени убедувања, тогаш тој може да влијае и на другите дури и ненамерно, дури и да не го бара тоа. Тука ништо не може да се стори. Ако видат луѓето дека тој се определил за оваа или онаа страна, тогаш, се разбира, тие можат да речат: штом таков значаен човек така мисли, можеби и јас треба така да мислам… Но тука човек треба да е способен да каже: не, јас така мислам, јас така чувствувам, бидејќи јас така сум воспитан, бидејќи јас сум од таа генерација – малку ли е она што може да се каже во врска со ова; вие барајте ја вашата вистина, односно онаа вистина, којашто вам лично ви ја открива Бог.

А има и такви области во кои не е задолжително да се придржуваме на овие или други убедувања. Да се пазиме од злото, се разбира, должни сме сите и секогаш, но кога се работи за политика, за општествен живот, тогаш тука постојат многу нијанси, и за да може секој човек да постапува според чистотата на својата совест, треба да се набљудува себеси, да постапува така, та да може да застане пред Христа и да каже: јас им го кажав тоа на тие луѓе од Твое име, не само затоа за да добијам корист, за да видат во мене христијанин и свештеник, туку затоа што она, што го кажав, е вкоренето длабоко во Твоето Евангелие, во Твојот збор.

Свештеникот е должен постојано да се бори со почитта кон него, за да не видат луѓето во него нешто што го нема. Свештениците би требало повеќе да зборуваат за тоа, дека нивното свештенство некако „се ограничува“ на совршување на таинствата – доколку е можно да се изразам со таков несовршен израз – и дека кога ги совршуваат таинствата, тогаш таинствата не ги извршуваат тие, туку Самиот Бог, Христос е Тајносовршител, Светиот Дух е Тајносовршител, како што се вели во Литургијата! И затоа, со целосна убеденост, можам да кажам, дека зборовите, кои ги изговарам на Литургија, имаат Божествена сила, бидејќи јас само ги изговарам, и силата што ја имаат е Божја, јас ги повторувам зборовите, коишто Самиот Христос ни ги предал. А во другите области можам да се изјаснам со целосна искреност, но не можам да кажам дека тоа е Божја волја или Божја претстава за нештата.

Извадок од интервјуто со Митрополитот Антониј Сурожски,

кое го води јеромонахот Иларион Алфеев

Превод од руски јазик:

ѓакон Јани Мулев

Преземено од:

http://crkvaveles.wordpress.com/2011/12/22/kult-kon-lichnosta-na-duhovnikot/

Advertisements
Posted in Uncategorized

Нов православен блог

Денес се раѓа нов блог

Posted in Uncategorized | Напишете коментар

Hello world!

Welcome to WordPress.com! This is your very first post. Click the Edit link to modify or delete it, or start a new post. If you like, use this post to tell readers why you started this blog and what you plan to do with it.

Happy blogging!

Posted in Uncategorized | 1 Коментар